Органите на државната управа, согласно Закон за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/00, 44/02;  82/08;  167/10;  51/11 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19 и 110/19), при подготвувањето на законите и другите прописи од својата надлежност обезбедуваат консултации со граѓаните преку:

  • јавно објавување на видот, содржината и роковите за донесување на законите и други прописи;
  • организирање јавни трибини и
  • прибавување мислење од заинтересираните здруженија на граѓани и други правни лица и слично.

Начинот на спроведување на консултациите го избира надлежното министерство, во зависност од сложеноста на прашањата кои треба да се обработат. Постојат повеќе можни начини на консултации, како на пример:

  • јавен увид и јавна расправа;
  • барање за писмени мислења, забелешки и сугестии од засегнатите страни;
  • учество во работни групи формирани од страна на министерството или Владата;
  • состаноци со засегнатите страни;
  • објавување на нацрт-предлогот на закон и Извештајот за проценка на влијанието на регулативата на ЕНЕР со цел добивање коментари од засегнатите страни;
  • јавни дебати по одредени прашања преку користење на електронски интерактивни алатки достапни на порталите ЕНЕР (види Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР)

Јавните консултации се едни од главните регулаторни алатки кои се користат за подобрување на транспарентноста, ефикасноста и ефективноста на регулативата, и се користат заедно со други алатки, како Проценка на влијание на регулативата (ПВР или РИА), алтернативни регулаторни решенија и подобрување на одговорноста и отчетноста на јавните институции. Следниве критериуми за консултации го претставуваат темелот за ефективни консултации помеѓу засегнатите страни и јавните институции:

  • Консултации треба да се спроведуваат во оној дел од процесот на изработка на регулатива кога има можност да се влијае на опсегот и содржината на регулативата.
  • Консултациите треба нормално да траат најмалку 30 дена, при што треба да се има предвид дека подолготрајни консултации даваат подобри резултати и, кога е можно, консултативниот процес треба да има подолго времетраење.
  • Документите за консултации треба јасно да го опишуваат консултативниот процес кој се применува, што се предлага, кој е опсегот на влијание од консултациите и кои се очекуваните трошоци и придобивки од предлозите.
  • Консултациите треба да се дизајнирани така што да бидат достапни до, и јасно насочени кон оние засегнати страни кои се директно опфатени со регулативата.
  • Со цел реализирање ефективни консултации и соодветна посветеност на консултираните страни, треба да се избегнуваат непотребните оптоварувања по учесниците во процесот.
  • Придонесите при консултации треба соодветно да се анализираат и задолжително да се обезбеди јасен и навремен одговор до учесниците.
  • Претставниците на министерствата кои спроведуваат консултации, доколку е потребно, можат да побараат помош и поддршка за спроведување ефективни консултации, и можат да ги споделат стекнатите искуства со други претставници на јавните институции.

Преку процесот на Проценка на влијанието на регулативата (Regulatory Impact Assessment – RIA) кој подразбира и спроведување на соодветни и временски координирани консултации со јавноста, во Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР преку доставување предлози, мислења и забелешки, можат навремено да се вклучат сите засегнати страни во креирањето на регулативите. На тој начин се постигнува поголема предвидливост на истите, и секако транспарентност на целокупниот процес.