Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР претставува веб базиран систем кој што служи за електронско информирање и двонасочна интеракција со засегнатите страни во процесот на креирање на политики во Владата: граѓаните и на претставниците од невладините организации, стопански комори, правни лица, претставниците на владата, како и на одделните министерства.

ЕНЕР овозможува активно и рано вклучување на засегнатите страни во процесот на подготовка на предлог закони на министерствата во фаза на подготовка и извештај за спроведената проценка на влијание на регулативата (ПВР), како и во процесот на  креирање на политики преку можноста за доставување на иницијативи за законско уредување на одредени прашања; предлагање на нови законски или подзаконски акти како и иницирање на потреба за изменување или дополнување на постојаната регулатива до надлежните институции. Исто така, овозможува и коментари и видувања по стратешките документи (стратегии, акциски планови, насоки, политики итн. ) и остварување на форум дебати.

Дополнително, сите најавени корисници може да добиваат нотификации на е-пошта според тип на документ, надлежни регулаторни тела и според подрачја на интерес на корисникот. Корисниците исто така имаат можност за пристап до корисничките упатства на полесно користење на ЕНЕР порталот како и до видео упатство за користење на јавниот дел на ЕНЕР порталот.

Доколку со предлог-законот се планираат покрупни промени или реформи кои ќе предизвикаат позначителни влијанија за целата популација, за поголеми групи граѓани или деловни субјекти, тогаш министерствата можат да организираат јавна расправа за нацрт-законот или за одредени прашања поврзани со нацрт-законот. За таа цел, министерствата треба да обезбедат јавен увид на нацрт-законот кој не треба да биде пократок од 20 дена.

За да се обезбеди што пошироко учество на јавната расправа, министерствата треба да издадат повик за јавен увид на ЕНЕР и на својата веб-страница во кој се наведуваат следниве информации:

  • називот на предлог-законот;
  • почетниот и крајниот рок на јавниот увид;
  • местото, односно УРЛ адресата на ЕНЕР и веб-страницата на министерството каде засегнатите страни можат да извршат јавен увид и
  • датумот на одржување на јавната расправа.

Јавната расправа се одржува по истекот на периодот утврден за јавен увид. Поканите за јавната расправа се доставуваат најмалку пет дена пред дефинираниот датум за одржување на јавната расправа преку доставување на писмени покани или покани по електронска пошта и објавување на поканата на ЕНЕР и на веб-страницата на министерството.