Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер  („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019) го дефинира правото на граѓаните и правните лица за пристап до податоци и информации од јавен карактер, како и условите, начинот и постапката за остварување на истото (Како до информации од јавен карактер, преку барање за пристап?)

Сепак, податоците и информациите објавени во необработена форма која е разбирлива за компјутерите односно достапна за понатамошна обработка имаат голема додатна вредност. Концептот „Отворени податоци“ бара до податоците од јавен карактер да постои слободен и бесплатен пристап, без технички или законски ограничувања.

 

Во јавниот сектор, да се има пристап до податоците од администрацијата е гарант за транспарентност, ефикасност, еднакви можности, соработка, но исто така создава и додатни вредности:

  • транспарентност, бидејќи податоците кои доаѓаат директно од официјални извори може да се консултираат и се користат;
  • ефикасност, бидејќи граѓаните и организациите може да креираат услуги на многу попрецизни начини во соработка со администрацијата;
  • еднакви можности, бидејќи пристапот до нив е подеднаков за сите;
  • соработка бидејќи јавни податоци од различни извори можат да бидат користени од различни и повеќе заинтересирани страни за креирање на дополнителна вредност од податоците.

Најголема придобивка е дека податоците кои се даваат на располагање се слободни, во смисла дека пристапот до нив не е и не смее да биде на ниту еден начин условен или ограничен, бидејќи се цени дека основата на отворените податоци се ослободување на јавни податоци кои се на граѓаните и нивно е правото за што истите ќе ги користат, и при тоа, државните органи, општините и други иматели на информации не смеат да го ограничат или условат ова право барајќи образложение/оправдание за искористеноста.

Законот за користење на податоците во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/14), има за цел преку користењето на податоците од јавниот сектор да  поттикне:

  • иновации и создавање на нови информации, содржини и апликации преку комбинирање или вкрстување на податоците,
  • создавање на нови услуги, креирање на работни места и социјална вклученост,
  • зголемена отчетност и транспарентност на јавниот сектор,
  • подобрување на квалитетот на податоците од јавниот сектор,
  • развој на економијата и развој на конкуренцијата и
  • развој на информатичкото општество во Република Северна Македонија.

На порталот http://www.data.gov.mk, органите и институциите од јавниот сектор, податоците кои што ги создаваат во остварувањето на своите надлежности, ги објавуваат во формат на отворени податоци, се организирани во посебни податочни сетови на порталот. Податоците се поделени во 8 групи, односно збирки на податочни сетови од одредена тема, овозможувајќи поедноставно пронаоѓање на податочни сетови од сличен контекст. Врз основа на отворените податоци може да се изработуваат најразлични веб и мобилни апликации, бидејќи се во машински читлив формат. Ако овие податоци ги побарате како граѓанин преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, можете да ги добиете во pdf, word, excel формат, кој не е погоден за програмирање.