Доколку некоја информација која ни е потребна, ја нема јавно достапна на интернет страната на органот, имател на информацијата, можеме да се обратиме до истиот и да ја побараме. Согласно Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер  („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019), имателите на информации за својата работа се должни да овозможат информираност на јавноста. Овој закон ни овозможува (како физички и правни лица) да го оствариме правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, а барањето може да биде усно, писмено или во електронски запис.

Пристапот до информации од јавен карактер е бесплатен. Доколку за добиената информација постојат материјални трошоци, за кои Владата ја утврдила висина на надоместокот,  должни сме да ги платиме.

Како баратели, не сме должни да го образложиме барањето, но потребно е да наведеме дека се работи за Барање за слободен пристап до информација од јавен карактер.

За да ја добиеме информацијата, потребно е да му се обратиме на органот, имател на информацијата, со барање (Образец за Барање за пристап до информации од јавен карактер). Сепак, нашето барање може да биде и усно, а поднесеното барање во електронска форма се смета за писмено поднесено.

Како баратели, имаме право:

  • Да го избереме начинот на кој сакаме да се запознаеме со содржината на информацијата:

– со увид, во просториите на органот

– препис,

– фотокопија,

– електронски запис или

– друго.

  • Да се произнесеме за начинот на натамошната комуникација со имателот на информацијата и тоа:

– усно,

– во писмена форма или

– во електронска форма.

  • Да го избереме начинот на доставување на информацијата:

-да ни биде пратена по пошта,

-да ни биде одговорена по телефон,

-пратена на факс,

-пратена на е-маил или

-на др. начин определен од нас.

 

Органот е должен веднаш да одговори по нашето барање, а најдоцна во рок од 20 дена од денот на приемот на барањето. Рокот може да се продолжи најмногу до 30 дена, поради обемност на информацијата или доколку може да се дозволи само делумен пристап (информација стекната или составена за истрага, кривична или прекршочна постапка, за спроведување на управна и на граѓанска постапка, а чие давање би имало штетни последици за текот на постапката). Во ваков случај органот е должен да не извести за ова веднаш, а најдоцна во рок од 7 дена.

Ако органот до кој сме се обратиле, не ја поседува информацијата која ја бараме, не ја создал информацијата или со истата не располага, согласно со неговите надлежности, веднаш, а најдоцна во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето, е должен да го препрати барањето до имателот на информации кој според содржината на барањето е имател на информацијата и за тоа да не извести.

Ако не ја добиеме информацијата во пропишаните рокови, може да поднесеме жалба до Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер (Образец за Жалба), во рок од 15 дена од добивање на Решението. Агенцијата решава по нашата жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на жалбата, а органот е должен да го спроведе решението на Агенцијата во рок од 15 дена од денот на неговиот прием.

На крај, ако Агенцијата во утврдениот рок не донесе решение по жалбата, а не го донесе ниту во рок од 7 дена по повтореното барање, можеме да поведеме управен спор.