Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 133/19, 243/20), отвори можност за поврат на дел од ДДВ-то искажан во фискалните сметки за сите граѓани на Република Северна Македонија. Вратениот износ на данокот на додадена вредност согласно со овој закон не претставува доход кој подлежи на оданочување со данок на личен доход.

Право на враќање на данокот имаат физичките лица кои ги исполнуваат следните услови:

  • Имаат навршени 15 години возраст;
  • Поседуваат валиден документ за идентификација издаден од надлежен орган на Република Северна Македонија (лична карта или патна исправа);
  • Се регистрирани корисници на системот за електронска пресметка за приход и данок (Е-ППД- Како да се регистрирате за е-Плаќање на персонален данок или Е-ПДД?) на Управата за јавни приходи и
  • Поседуваат трансакциска сметка кај носител на платен промет во Република Северна Македонија.

Враќањето на данокот се врши на трансакциската сметка, по службена должност од страна на Управата за јавни приходи, во рок од 60 дена по истекот на календарското тримесечје во кое е издадена фискалната сметка. Најнискиот износ за враќање на данокот за едно календарско тримесечје изнесува 50 денари. Правото на враќање на данокот не се остварува за фискална сметка чиј вкупен промет надминува 30.000 денари и фискална сметка која е сторнирана.

Правото на враќање на данокот се остварува со пријавување на податоците од бар кодот на фискалната сметка преку апликативен софтвер (МОЈ ДДВ) за оваа намена на Управата за јавни приходи. Пријавувањето на податоците се врши најдоцна во рок од 10 дена од датумот на издавање на фискалната сметка, по кој рок фискалната сметка не може да се користи за остварување на правото на враќање на данокот.

Апликацијата МОЈ ДДВ можат да ја симнат сите граѓани што користат паметен телефон, но можат да ја користат само граѓаните што се регистрирани на е-ПДД.

МОЈ ДДВ-Десктоп апликацијата може да се користи од страна на секој граѓанин кој е регистриран во Управа за јавни приходи во системот е-ПДД со цел да врши поврат на ДДВ, поништување на фискални сметки и скенирање на сторни сметки. За да се користи оваа апликација потребно е да имате баркод читач.

МОЈ ДДВ  – мобилна апликацијата може да се користи на мобилни уреди со Android 4.4 и понов модел, со камера со автофокус и на уреди со iOS 10.0 и понов модел.

За регистрација на МОЈ ДДВ, потребно е да ја преземете апликацијата МојДДВ на Вашиот мобилен телефон од Google play, App store, Huawei app Gallery. Потоа треба да ја отворите апликацијата и да ги внесете вашето корисничко име и лозинка од е-ПДД профилот. Потребно е да креирате пин со 4 цифри и да ја внесете Вашата валидна трансакциска сметка. По завршување на овие чекори, може да почнете да ја користете апликацијата МОЈ ДДВ.

МОЈ ДДВ ви овозможува лесно скенирање на вашите сметки, за да добиете право на 15 % поврат од ДДВ. Се што треба да знаете за МОЈ ДДВ апликацијата, може да најдете тука.

Преглед на извештаите, износ на поврат и повлекување на грешка скенирани сметки имате на линкот.

За подетални информации и помош, обратете се во Инфо центарот 0800 33 000 (само од фиксни оператори) или 02/3253 200, секој работен ден од 07.30 до 16.30 часот или посетете ја специјализираната веб страница.