Доходот на граѓаните се оданочува со данокот на личен доход кој се плаќа годишно на збирот на доходот од сите извори, остварен во земјата и во странство како: доход од работа, доход од самостојна дејност, доход од авторски и сродни права, доход од продажба на сопствени земјоделски производи, доход од права од индустриска сопственост, доход од закуп и подзакуп, доход од капитал, капитални добивки, добивки од игри на среќа, доход од осигурување и друг доход.

 

Обврзник на данокот на доход е секое физичко лице резидент на Република Северна Македонија за доходот што го остварува во земјата и во странство.
Обврзник на данокот на доход е и трговец поединец, како и физичко лице кое се занимава со земјоделска дејност, со занаетчиска дејност и лице кое врши услуги или слободно занимање.

Обврзник на данокот на доход е и физичко лице кое не е резидент на Република Северна Македонија за доходот што е остварен на територијата на Република Северна Македонија.

Обврзник на данокот на доход е и физичко лице кое непријавено врши дејност и остварува доход кој подлежи на оданочување според одредбите на Законот за данокот на личен доход („Службен весник на Република Македонија” бр. 241/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/2019, 290/2020, 85/2021).

Даночна основа за утврдување на данокот на доход претставува збир на бруто-доход остварен по сите основи (во пари, во хартии од вредност, во натура или во некој друг вид) во земјата и во странство, во текот на даночниот период, намалена за износот на:

  • придонесите од задолжително социјално осигурување;
  • даночното намалување и
  • нормираните или стварните трошоци предвидени со закон.

За 2020, 2021 и 2022 година стапката на данокот на личен доход за сите видови на доход изнесува 10%, освен за добивките од игри на среќа, за кои изнесува 15%.

Повеќе информации во врска со оданочувањето со данокот на личен доход, може да најдете тука.

Врз основа на сите податоци за исплатениот доход (плата, регрес, дивиденда и сл.) од страна на исплатувачите и за доходот кој граѓанинот го остварил од други физички лица и од странство, како и за доходот од вршење на самостојна дејност, Управата за јавни приходи изготвува и доставува пополнета Годишна даночна пријава до граѓаните, најдоцна до 30 април во годината, за остварениот доход од претходната година.  Пополнетата Годишна даночна пријава може да ја преземете и од системот e-pdd.ujp.gov.mk (Како да се регистрирате за е-Плаќање на персонален данок или Е-ПДД?) по претходна регистрација на истиот.

Доколку се согласувате со пополнетата Годишна даночна пријава издадена од Управата за јавни приходи, не мора да преземете никакво дејствие, бидејќи Управата за јавни приходи по истекот на рокот (31 мај) ќе ја смета за конечна и потврдена. Доколку не се согласувате со пополнетата Годишна даночна пријава издадена од Управата за јавни приходи, потребно е да извршите корекција во определниот рок. Управата за јавни приходи ќе ја разгледа вашата корекција на пополнетата Годишна даночна пријава и доколку корекцијата не се прифати, вашите годишни приходи и персонален данок ќе се утврдат со донесување на Даночно решение.

За подетални информации и помош, обратете се во Инфо центарот 0800 33 000 (само од фиксни оператори) или 02/3253 200, секој работен ден од 07.30 до 16.30 часот или посетете ја специјализираната веб страница.