Странец кој привремено престојува во Република Северна Македонија и државјанин на Република Северна Македонија кој престојува или живее во странство и повремено доаѓа во Република Северна Македонија, врз основа на важечката странска возачка дозвола што ја издава надлежниот орган на странската држава и под услов на реципроцитет, може да управува со моторно возило на територијата на Република Северна Македонија, за време на својот привремен престој во Република Северна Македонија.

Возачка дозвола за странци издава Министерството за внатрешни работи според престојувалиштето на странецот кој има одобрен престој од најмалку шест месеци.

Странец кому му е одобрен законски престој во Република Северна Македонија и државјанин на Република Северна Македонија кој ќе се врати од странство, односно ќе дојде во Република Северна Македонија со цел постојано да живее во неа, како и персоналот на дипломатските и конзуларните претставништва и на мисиите на странски држави и на претставништвата на меѓународни организации во Република Северна Македонија, на странски трговски, сообраќајни, културни и други претставништва и на странски дописништва, можат да управуваат со моторни возила врз основа на важечка странска возачка дозвола, во рок од шест месеци од денот на влегувањето во Република Северна Македонија, односно регулирање на законскиот престој.

 

По истекот на рокот од шест месеци, ако лицето/странец наполнило минимум години возраст за возилото утврдени со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/15, 226/15, 55/16, 11/18, 83/18, 138/2017, 191/18, 70/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19, 302/20), и тоа:

 

  • 16 години за управување со моторни возила од категориите: „АМ“ и „А1“ и националната категорија „Г“;
  • 17 години за управување со возила од националната категорија „Ф“;
  • 18 години за управување со моторно возило од „Б“ категорија;
  • 18 години за управување со моторно возило од категориите: „А2“, „БЕ“, „Ц1“ и „Ц1Е“;
  • 21 години за управување со моторно возило од категориите: „А“, „Ц“,„ЦЕ“,„Д1“ и „Д1Е“ и
  • 24 години за управување со возила од категориите: „Д“,„ДЕ“ и националната категорија „Т“,

без полагање на возачки испит, важечката странска возачка дозвола ќе се замени со возачка дозвола на Република Северна Македонија за управување со онаа категорија моторни возила за кои е издадена странската возачка дозвола која се заменува, без притоа да им биде одземена странската возачка дозвола.

За издавање на возачка дозвола потребни ви се:

  • Барање
  • Важечка лична карта на увид
  • Оригинална важечка странска возачка дозвола со извршен превод на македонски јазик и нотарска заверка
  • Доказ за престој подолг од шест месеци пред денот на издавање на странската возачка дозвола
  • Доколку во странската возачка дозвола не може да се утврдат категориите за кои моторни возила може да управува возачот потребно е да се достави и исправа издадена од органот што ја издал дозволата од која се гледа со кои моторни возила може да управува
  • Лекарско уверение (Лицата со навршени 70 години, за издавање на возачка дозвола потребно е да поседуваат и лекарско уверение издадено од овластена лекарска комисија)
  • 280,00 денари за образецот или 840,00 денари за образецот доколку е во итна постапка (уплатница или уплата преку ПОС терминал)
  • 170,00 денари административна такса (уплатница или уплата преку ПОС терминал).

Министерството за внатрешни работи овозможува и преглед на закажани термини/проверка на резервација, како и проверка дали е готова, односно изработена и може да се подигне возачката дозвола (лично).

По барањето за издавање на возачка дозвола, Министерството за внатрешни работи издава возачка дозвола во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на лицето кое ги исполнува условите утврдени со овој закон. По исклучок од ставот, во случај кога барањето е поднесено во итна постапка, Министерството за внатрешни работи издава возачка дозвола во рок од 2 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на лицето кое ги исполнува условите утврдени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Странецот на кој во Република Северна Македонија му е издадена македонска возачка дозвола е должен во сообраќај на патиштата во Република Северна Македонија да ја користи исклучиво

македонската возачка дозвола.