Возачка дозвола е јавна исправа што ја издава Министерството за внатрешни работи како надлежен орган, со која се докажува правото на управување со одредени категории на возила, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/15, 226/15, 55/16, 11/18, 83/18, 138/2017, 191/18, 70/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19, 302/20).

 

Право на управување со возило може да стекне лице кое ги исполнува следниве услови:

  • да наполнило минимум години возраст за возилото утврдени со овој закон,
  • да е здравствено и психофизички способно да управува со моторно возило,
  • да има завршено најмалку основно образование,
  • да положило возачки испит за управување со моторно возило од определена категорија и
  • со одлука на надлежен државен орган или друг орган да не му е забрането управување со моторно возило или група на возила.

 

Возачка дозвола се издава на барање на лицето кое ги исполнува условите утврдени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Возачката дозвола се издава со рок на важење од десет години, а на лицата постари од 75 години, со рок на важење до пет години.

Во возачката дозвола се запишуваат сите категории на возила со кои возачот има право да управува согласно со Законот, а возачот има право да управува само со моторно возило од онаа или од оние категории што се запишани во возачката дозвола.

Во образецот на возачката дозвола, се содржани рубрики со следните податоци:

  1. презиме;
  2. име;
  3. датум и место на раѓање;

4а. датум на издавање;

4b. рок на важење;

4c. орган што ја издава возачката дозвола;

4d. матичен број;

  1. број на возачка дозвола;
  2. фотографија;
  3. потпис на носителот;
  4. живеалиште;
  5. категории на возила за кои важи возачката дозвола ( со соодветна графичка ознака за секоја категорија одделно; датум на издавање на категоријата; датум на важење на категоријата; информациски код и место за администрирање со број од регистар на возачи и крвна група).

 

Предната страна на образецот на возачката дозвола во горниот дел содржи: назив „РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА” и назив на англиски јазик „REPUBLIC OF NORTH MACEDONIA”, а под нив стои назив „ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА”, назив на француски јазик „PERMIS DE CONDUIRE”, како и назив на англиски јазик „DRIVING LICENCE”. За граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, на нивно лично барање образецот на возачката дозвола се издава на образец, на кој називот „РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“ и називот „ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА“ на предната страна, како и таксативно наведените податоци на задната страна, се отпечатени и на службениот јазик и писмото што ги употребува граѓанинот.

Барањето за издавање на возачка дозвола (МК или АЛ) го поднесувате лично, а при тоа задолжително ви се земаат податоци за вашите биометриски карактеристики (отпечатоците од два прста и фотографија), заради утврдување на идентитетот. Барањето се поднесува во Министерството за внатрешни работи според подрачјето на кое имате живеалиште, откако претходно ќе закажете термин електронски, на http://termin.mvr.gov.mk/ или телефонски (на 072-92-92-92 или 0800 192 92, кој е достапен само од фиксен телефон).

Како возач на моторно возило, должни сте да барате издавање на нова возачка дозвола кога истата е:

  • со измината важност
  • изгубена, уништена или оштетена на начин што оневозможува нејзино користење, при што возачката дозвола се издава со рок на важност како и изгубената, уништената, односно оштетената возачка дозвола. Губењето на возачката дозвола од страна на сопственикот се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“, што може да го направите во МВР, со поднесување на барањето на ПОС терминал или со уплатница.
  • или како возач на моторно возило ќе го промените личното име, живеалиштето, односно престојувалиштето.

Сите промени мора да се пријават во рок од 15 дена. Издавање на возачка дозвола може да биде во редовна или итна постапка, за 48 часа, а наместо уплатница од 280,00 денари се приложува уплатница од 840,00 денари.

Освен барањето и уплатница/уплатата, кои се заеднички, останатите потребни документи зависат од поединечните случаи и може да бидат: уверение за положен возачки испит, лекарско уверение (доколку возачот има навршено 65 години, доколку возачот има Ц1, Ц1Е, Ц, ЦЕ, Д1, Д1Е, Д, ДЕ и Т категорија, доколку возачот има ограничување на важноста на возачката дозвола поради здравствена состојба) и слично. Истите може да ги најдете на интернет страницата на Министерството за внатрешни работи и на линкот. Во сите Оддели/Отсеци за управни работи на МВР низ државата, овозможено е плаќање преку ПОС терминали, односно со банкарски картички или може да се направи уплата со уплатница.

Министерството за внатрешни работи овозможува и преглед на закажани термини/проверка на резервација, како и проверка дали е готова, односно изработена и може да се подигне возачката дозвола (лично од граѓанинот).

По барањето за издавање на возачка дозвола, Министерството за внатрешни работи издава возачка дозвола во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на лицето кое ги исполнува условите утврдени со овој закон. По исклучок од ставот, во случај кога барањето е поднесено во итна постапка, Министерството за внатрешни работи издава возачка дозвола во рок од 2 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на лицето кое ги исполнува условите утврдени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Возачката дозвола се подигнува лично, а притоа сте должни да ја предадете старата возачка дозвола на Министерството за внатрешни работи заради поништување со перфорирање (дупчење). Поништената возачка дозвола ви се враќа. Возачката дозвола се подига и во било која надлежна организациска единица на Министерството за внатрешни работи според пријавеното престојувалиште на граѓанинот, по претходна најава на граѓанинот за местото на подигање на возачката дозвола.