Доколку сте физичко лице со живеалиште или престојувалиште на територијата на Република Северна Македонија и имате потреба од информација или совет за одредено прашање од правна природа, имате право да побарате и добиете примарна правна помош, согласно Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/19).

Примарната правна помош вклучува информации и совети за прашања од правна природа и има за цел да ја подобри информираноста на граѓаните за нивните права и патот до нивно остварување и заштита. Таа е достапна за сите лица, а не постојат ни ограничувања во однос на видовите правни прашања за кои можете да барате примарна правна помош. За разлика од неа, секундарната правна помош тоа го овозможува во конкретни постапки.

Примарната правна помош може да ја добиете во:

Со примарната правна помош, може да добиете општа правна информација, помош при комплетирање и пополнување на барања и обрасци издадени од управен орган во управна постапка за социјална заштита и заштита на правата на децата; пензиско, инвалидско и здравствено осигурување; заштита на жртви на родово базирано насилство и семејно насилство.  Таа вклучува и составување на претставки до Комисијата за заштита од дискриминација и до Народниот правобранител и барања за заштита на слободи и права до Уставниот суд на Република Северна Македонија. Исто така, во Министерството, правните клиники и здруженија, може да побарате и бесплатна правна помош за постапка за упис во матична книга на родени и стекнување со документи за лична идентификација и државјанство.

Законот за бесплатна правна помош предвидува жртвите на семејно насилство да имаат право на правна помош во постапка за изрекување на времени мерки (отстранување на насилник, забрана за приближување итн.) без притоа да се проверува нивната финансиска состојба. За останатите правни прашања, развод на брак, имотни-спорови, надомест на штета потребно е жртвата да ги исполнува условите во однос на имотот и приходот.