Правото на пристап до правда е едно од основните човекови права. Остварувањето на ова право е поврзано и зависи од достапноста на правните услуги за сите граѓани, без разлика на нивната материјална и социјална положба.

Секој втор граѓанин на Република Северна Македонија се соочува со правен проблем. Многу од граѓаните не препознаваат дали проблемот е правен и не знаат каде да се обратат.

Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/19) има за цел да го овозможи и унапреди правото на физичките лица на пристап до правдата и правичната судска заштита.

Бесплатна правна помош е помош одобрена и финансирана од државата за ранливите категории граѓани, кои поради недостиг на финансиски средства не можат самите да ги решат правните проблеми со кои се соочуваат.

Ранливите категории граѓани можат да се обратат до Министерството за правда и до неговите подрачни единици и да побараат да им се даде правна помош или да им се обезбеди адвокат кој ќе биде платен од Буџетот на Министерството. Бесплатна правна помош може да биде дадена како примарна правна помош и секундарната правна помош.

Бесплатната правна помош граѓаните можат да ја добијат за имотно-правни спорови, должничко-доверителски односи, за прашања од пензиско и инвалидско осигурување, за застапување на жртви на семејно насилство, за остварување на социјална помош, за спорови со осигурителни компании, но и за други потреби.

Корисниците на бесплатна правна помош се ослободени од судски трошоци и од трошоци за вештачење (истото ќе се врши од Бирото за судски вештачења, без надомест).