Доколку сте барател на право на азил, Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/19), ви обезбедува бесплатната правна помош во постапката за признавање на правото на азил, а барање за бесплатна правна помош може да поднесете сè до правосилноста на одлуката.

Доколку, како барател на право на азил, немате доволно средства да повикате адвокат, а сакате да остварите право на бесплатна правна помош во постапката за признавање на правото на азил, може да поднесете барање за бесплатна правна помош на јазик што го разбирате до институцијата што е надлежна за одлучување по барањата за признавање на право на азил. Институцијата што е надлежна за одлучување по барањата за признавање на право на азил, веднаш, а најдоцна во рок од пет дена од приемот на барањето за бесплатна правна помош,  треба да повика адвокат од листата составена од Министерството за правда и да обезбеди толкувач.