За заштитата на човековите права и основни слободи, член 50 од Уставот на Република Северна Македонија, вели: „Секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања. Граѓанинот има право да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита”.

Согласно Уставот, член 110, став 3, Уставниот суд е органот кој ја штити уставноста и законитоста и е надлежен „да ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност”.

Деловникот на Уставниот суд во член 51 наведува дека секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд. Обрасците за тоа што треба да содржи барањето може да се најдат овде.

Повеќе за правата пред Уставниот суд може да се види во Водичот за составување на барање за заштита на слободите и правата пред уставниот суд.