Регистрацијата и најавата на Порталот се одвива преку Систем за единствена најава (СЕН), достапен https://eid.mk . Во моментот, преку СЕН можат да се регистрираат само физички лица. Детали за процесот на регистрација на СЕН можете да добиете тука.

За најава на Порталот, корисникот автоматски се препраќа на СЕН, каде што се идентификува со своето корисничко име и лозинка или дигитален сертификат за електронски потпис. По успешната автентикација, СЕН испраќа автентикациски токен до Порталот, со што се овозможува пристап до приватниот дел на Порталот.

СЕН во иднина ќе се интегрира со и ќе служи за најава и на системите од други институции, со што корисникот ќе ги користи истите податоци за најава. СЕН ги поддржува протоколите Open ID 2.0, SAML 2.0, WS Federation, OAuth 2.0.

eID е информациски систем кој ви овозможува да се претставите кои сте (електронски да ве идентификува) кога сакате да ги користите услугите на Порталот за електронски услуги.

Со вашиот eID, со автентикација на СЕН со корисничко име и лозинка или дигитален сертификат за електронски потпис, можете да се најавите на Националниот портал за е-услуги и електронските системи кои се интегрирани со СЕН. Кога се регистрирате на Системот за единствена најава (СЕН), внесувате ваше корисничко име (е-маил адреса) и лозинка, со што се формира вашиот профил на СЕН. Понатаму, во процесот на регистрација се вршат одредени проверки со цел поврзување на вашиот профил на СЕН со вашиот идентитет. По успешно завршените проверки, се креира вашиот eID.

eID има неколку нивоа. Нивоата на eID се однесуваат на нивоата на веродостојност на потврдата на електронската идентификација во процесот на регистрација и најава. За да можете да добиете една е-услуга, потребно е да имате eID најмалку на нивото со кое што таа услуга е означена на јавниот дел на Порталот.

  • Основен кориснички профил

 

Основен кориснички профил подразбира дека во процесот на регистрација не е проверен и потврден вашиот физички идентитет. Во процесот на регистрација единствено се потврдува дека имате пристап до внесената e-mail адреса. Со основниот кориснички профил може да аплицирате за е-услуги каде што не е потребно да биде познат идентитетот на апликантот. Најавата со основен кориснички профил подразбира автентикација со корисничко име и лозинка.

 

  • Ниско ниво на eID

 

Ниско ниво на eID подразбира дека во процесот на регистрација во одреден момент бил проверен и потврден физичкиот идентитет со ваше лично присуство, со приложување на важечки документ за лична идентификација и со дополнителна проверка и потврда на вашите податоци во Централниот регистар на население (ЦРН). Врз основа на вашиот потврден физички идентитет, се креира вашиот eID на ниско ниво. Најавата со ниско ниво на eID профил подразбира автентикација со корисничко име и лозинка. Ваквата најава се смета дека има ниско ниво на веродостојност бидејќи постои одредена веројатност некој да го открие вашето корисничко име и лозинка.

 

  • Високо ниво на eID

 

Високо ниво на eID подразбира дека во процесот на регистрација се исполнети сите предуслови потребни за добивање на eID на ниско ниво, а дополнително при регистрацијата е приложен валиден дигитален сертификат издаден од издавач на сертификати регистрирани во Регистарот на издавачи на сертификати во Република Северна Македонија. Најавата со високо ниво на eID профил подразбира автентикација со сертификат за дигитално потпишување. Ваквата најава се смета дека има високо ниво на веродостојност бидејќи е потребно физички да го поседувате уредот и да го знаете вашиот ПИН, со што значително се намалува веројатноста некој да се најави со Вашиот eID. Доколку сте се регистрирале со eID на високо ниво, може да се најавувате и со ниско ниво на eID на ниско ниво, без дигитален сертификат.

 

Доколку имате прашања, ви треба помош да се најавите или да користите некоја услуга, порталот нуди неколку типа на поддршка: ЧПП (често поставувани прашања), телефонска поддршка/контакт центар 15111 и преку контакт форма за поставување на прашања.