Секундарната правна помош, согласно Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/19), се однесува на застапување во поединечни судски или управни постапки и управни спорови. Додека примарната правна помош има за цел да ја подобри информираноста на граѓаните за нивните права и патот до нивно остварување и заштита, секундарната тоа го овозможува во конкретни постапки.

За добивање на секундарна правна помош, се поднесува барање со пополнување на образец. Барањето може да се поднесе лично, преку пошта, преку овластено здружение или овластена правна клиника за обезбедување на примарна правна помош.

Секундарна правна помош се одобрува на лице кое има потреба од стручна правна помош од адвокат, за конкретна правна работа, кое не е во можност да ги прати трошоците на постапката заради неговата финансиска состојба и чие барање е оправдано.

Секундарна правна помош може да добиете доколку месечниот приход не го надминува износот на минималната нето плата (доколку како барател, живеете сам), односно доколку вашиот месечен нето приход не го надминува износот на минималната нето плата, а месечниот приход на секој нареден член во семејството не го наминува износот од 20% од минималната нето плата. Секундарна правна помош ќе ви се одобри, доколку врз основа на доставената изјава за финансиска состојба, на вас, како барател и на членовите на вашето семејство, се утврди дека:

 

  • вие и членовите на вашето семејство имате во сопственост само еден едностанбен објект или стан како посебен дел од зграда во кој живеат,
  • покрај овој имот, вие, како барател и членовите на вашето семејство имате во сопственост една или повеќе физички поврзани катастарски парцели со вкупна површина не поголема од 300 м² во град Скопје или 500 м2 во општините во Република Северна Македонија, односно една или повеќе катастарски парцели со вкупна површина не поголема од 5000 м² во рурални средини и
  • вие и членовите на вашето семејство имате само едно регистрирано моторно возило чија работна зафатнина на моторот не е поголема од 1 200 кубни сантиметри.

 

Доколку, како граѓанин, побарате секундарна правна помош и таа ви биде одобрена согласно Законот, ослободени сте од судска такса и трошоци поврзани со постапката пред суд, административни такси и трошоци за вештачење, согласно закон. Секундарната правна помош ја даваат адвокатите од Регистарот на адвокати за давање на правна помош, а таа се состои од застапување во граѓански судски постапки, во управни постапки пред Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување, застапување во постапка за расправање на оставина пред нотар, составување поднесоци на должник пред извршител и сл.

Правните прашања на кои се однесува барањето за добивање секундарна правна помош може да се однесуваат на: имотот, работата, семејството, социјалното осигурување и социјалната заштита, заштита на жртви од семејно насилство, граѓанска и управна природа.

Секундарна правна помош не може да добиете доколку станува збор за царински и даночни работи, клевета и навреда, надомест за нематеријална штета (освен за жртви на кривични дела, во случај на смрт или тежок инвалидитет), јавни и комунални услуги, имотно правни прашања (легализација, приватизација, денационализација), прекршоци и доколку трошоците за давањето на правна помош се несразмерно високи во споредба со вредноста на спорот.