Во Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 67/92, 20/03, 46/04, 19/07, 84/08, 51/11, 135/11, 154/15, 55/16  и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 302/20) утврдени се следниве патни исправи: пасош, заеднички пасош, дипломатски пасош, службен пасош и патен лист, како и патни исправи кои се издаваат врз основа на меѓународни договори.

За време на престојот во странство, патната исправа служи за утврдување на идентитетот и како доказ за државјанство на Република Северна Македонија.

Дипломатскиот и службениот пасош, како и визите на тие пасоши ги издава Министерството за надворешни работи, на барање на надлежен државен орган, со рок на важење 5 години, односно од 30 дена до четири години за визи.

Државјанин на Република Северна Македонија, кој во странство престојува непрекинато повеќе од шест месеца, може да поднесе барање за издавање на пасош во дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во странство. Доколку државјанин на Република Северна Македонија, во странство останал без патна исправа, дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во странство му издава патен лист, со рок на важење до 30 дена или за времето кое е потребно за враќање во Република Северна Македонија.

За издавање на останатите патни исправи на државјаните на Република Северна Македонија, надлежно е Министерството за внатрешни работи и истите се со рок на важност од:

  • десет години, за лица постари од 27 години,
  • пет години за лица на возраст од 4 до 27 години и
  • две години за лица до навршени 4 години живот.

Во пасошот, како патна исправа, се внесуваат следниве податоци за имателот на истата:

1) презиме и име,

2) ден, месец и година на раѓање,

3) место на раѓање,

4) живеалиште,

5) пол;

6) државјанство

7) единствен матичен број на граѓанинот и

8) своерачен потпис;

При промена на некој од податоците наведени погоре, имателот на пасошот е должен во рок од 30 дена од денот на промена на истите, пасошот да го предаде во Министерството за внатрешни работи, заради негово поништување.

Пасошот содржи и податоци за биометриски карактеристики на имателот (фотографија и отпечатоци од два прста), кои задолжително се земаат од подносителот при поднесување на барањето за издавање на пасош, заради утврдување на неговиот идентитет. Пасошот има и бесконтактен чип и машински читлив дел.

Обрасците на патните исправи и на визите се печатат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, со превод на англиски и француски јазик и нивното писмо. На граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, на нивно лично барање, образецот на пасошот и патниот лист се печати и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот. На граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, на нивно лично барање, податоците кои се внесуваат во пасошот и во патниот лист се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот. На граѓаните кои зборуваат јазик различен од службениот јазик, на нивно лично барање, податоците за личното име што се внесуваат во пасошот се  запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.

Барањето за издавање на пасош (МК или АЛ) го поднесувате лично, а при тоа задолжително ви се земаат податоци за вашите биометриски карактеристики (отпечатоците од два прста и фотографија), заради утврдување на идентитетот. Барањето се поднесува во Министерството за внатрешни работи според подрачјето на кое има живеалиште, откако претходно ќе се закаже термин електронски, на http://termin.mvr.gov.mk/ или телефонски (на 072-92-92-92 или 0800 192 92, само од фиксен телефон). За малолетно лице, односно лице кое е лишено од деловна способност, барањето за издавање на патна исправа или виза го поднесува еден од родителите, односно старателот.

Издавање на пасош може да биде во редовна или итна постапка, со уплата од 1.500,00 денари, односно 4.500,00 денари. Барање за повторно издавање на пасош е потребно да направите и доколку истиот е:

Освен барањето и уплатница/уплатата, кои се заеднички, останатите потребни документи зависат од поединечните случаи и може да бидат: извод од матична книга на родени, присуство на родителите/старателите за деца и слично. Истите може да ги најдете на интернет страницата на Министерството за внатрешни работи и на линкот. Во сите Оддели/Отсеци за управни работи на МВР низ државата, овозможено е плаќање преку ПОС терминали, односно со банкарски картички или може да се направи уплата со уплатница.

Министерството за внатрешни работи овозможува и преглед на закажани термини/проверка на резервација, како и проверка дали е готова, односно изработена и може да се подигне патната исправа (лично од граѓанинот).

Рокот за издавање на патната исправа/пасош на граѓанинот од страна на Министерството за внатрешни работи е 15 дена од денот на приемот на барањето. Министерството за внатрешни работи има право да не издаде пасош (или виза), односно истиот да го одземе, во случаи утврдени со Законот за патни исправи. Против решението со кое е одбиено барањето за издавање на пасош или виза, односно е одземен пасошот или е поништена визата, жалба може да се поднесе во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.