Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/14,19/14, 48/15, 154/15, 5/16, 142/16 и 11/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/19 и 14/20) ги класифицира работните места на административните службеници согласно одговорноста, видот, целите и сложеноста на работите и работните задачи на работното место и потребните стручни квалификации, работното искуство во струката, општите и посебните работни компетенции и други критериуми од значење за работното место.

Според овие критериуми, работните места се класифицираат во 4 категории:

  • Категорија А – секретари
  • Категорија Б- раководни административни службеници
  • Категорија В – стручни административни службеници
  • Категорија Г -помошно-стручни административни службеници

За пополнување на работно место на административен службеник кандидатот треба да ги исполни следниве општи услови:

 

  • да е државјанин на Република Северна Македонија,
  • активно да го користи македонскиот јазик,
  • да е полнолетен,
  • да има општа здравствена способност за работното место и
  • со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност.

Покрај општите услови за пополнување на работно место на административен службеник, кандидатот треба да ги исполни следниве посебни услови:

  • да има соодветни стручни квалификации потребни за работното место,
  • да има соодветно работно искуство потребно за работното место,
  • да поседува соодветни општи работни компетенции потребни за работното место пропишани со Рамката на општи компетенции и
  • да поседува соодветни посебни работни компетенции потребни за работното место.

За категоријата раководни административни службеници (категорија А и категорија Б), потребно е да се има и положен испит за административно управување, кој се полага во Агенцијата за администрација.