За започнување на постапка за вработување, според Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/14,19/14, 48/15, 154/15, 5/16, 142/16 и 11/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/19 и 14/20), институциите се должни да достават барање за објавување на јавен оглас до Агенцијата за администрација. Јавниот оглас се објавува на интернет страницата на Агенцијата за администрација, како и во најмалку три дневни весници, од кои еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

Рокот за пријавување на јавниот оглас не може да биде пократок од 15 дена, односно подолг од 20 дена од денот на неговото објавување во дневните весници.

Пријавите за вработување на административен службеник по јавен оглас се поднесуваат во електронска форма преку интернет страницата на Агенцијата за администрација. За пополнување на електронска пријава, кандидатот треба да креира кориснички профил, при што му се доделува идентификациски код кој ќе го користи за активирање на испитот за административен службеник, како и за следење на резултатите од сите фази на селекција.

Согласно Законот за административни службеници, хартиените пријави не се употребуваат, а пријавувањето оди единствено по електронски пат.

За да може уредно да аплицирате на огласите потребно е да го пополните вашиот профил со соодветните информации и документи во делот Мој профил (лични податоци, образование, работни искуства, работни компетенции и други податоци кои се во интерес на работното место за кое аплицирате). Важно е при пополнување на податоците во профилот задолжително да ги прикачите соодветните документи во скенирана форма (.PDF или .ЈРG) кои потврдуваат дека ги исполнувате условите што се бараат во огласот. На крај, должни сте да потврдите под материјална и кривична одговорност дека податоците во пријавата се точни, а доставените докази верни на оригиналот.

Постапката за селекција на кандидати за вработување на административен службеник се состои од 3 фази: административна селекција, испит за административен службеник и проверка на веродостојност на докази и интервју. Сите фази ги спроведува Комисија за селекција, која е должна да се грижи за законитоста на постапката. Сите известувања независно дали кандидатот поминал или не поминал во следната фаза на селекција, тој ги добива на својот кориснички профил.

Агенцијата за администрација исто така на својата интернет страница ги објавува листите на кандидати од секоја фаза, со уредни и неуредни пријави (и причините за неуредност), идентификациски код, освоени поени, како и кандидати кои продолжуваат во следната фаза на селекција.

По донесување на одлука за избор/неизбор од страна на институцијата, истата се објавува на интернет страницата на Агенцијата за администрација. Против одлуката, незадоволниот кандидат има право во рок од 8 дена да поднесе жалба до Агенцијата за администрација.

Во рок од 5 дена од конечноста на одлуката за избор, раководното лице на институцијата носи решение, односно склучува договор за вработување на неопределено време.