Народниот правобранител или Омбудсманот е специфичен, посебен, стручен и независен орган со овластувања за заштита на правата на граѓаните. Народниот правобранител не е  законодавно тело, извршна ниту судска власт, а уште помалку државен обвинител или орган на инспекција и надзор. Неговото значење и специфичноста на функцијата е во начинот на неговото дејствување и однесување. Методот и начинот на дејствување на Народниот правобранител се состои во давање предлози, совети, сугестии, соработка, подучување, умешност да се сослуша човекот и правовремено да дејствува во насока за остварување на правата на граѓаните.

Народниот правобранител како носител на функцијата е  транспарентен, а  канцеларијата во секој момент е отворена и достапна за секој граѓанин на Република Северна Македонија или секое друго лице.

Надлежност на Народниот правобранител е и преземање акции и мерки за заштита на принципот на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во државната администрација, во единиците на локалната самоуправа и во јавните институции и агенции.

Помош и интервенција од Народниот правобранител може да бара секој граѓанин на Република Северна Македонија и странец (лично или преку свој полномошник) кога ќе оцени дека некое негово уставно и законско право му е повредено со акти или дејства на органи на државната управа и други органи и организации што имаат јавни овластувања.

Заштита на правото пред Народниот правобранител може да се бара откако претходно граѓанинот се обратил (поднел барање, молба, побарал помош, интервенција или друго дејство) до надлежниот орган или организација, а притоа тој орган или организација донел или не донел акт, презел, односно не презел соодветно дејство.

Постапката пред Народниот правобранител се иницира со поднесување претставка (поплака, жалба), за која неформалниот образец може да го најдете овде. Ако Ви е потребна помош од Народниот правобранител, можете да се обратите лично во Канцеларијата на Народниот правобранител во Скопје, како и во подрачните канцеларии во Тетово, Кичево, Штип, Струмица, Куманово и Битола и да поднесете претставка писмено (лично или усно на записник), да се обратите по телефон, по пошта, по факс или електронски. За поднесената претставка не се плаќа такса. За поднесување на претставката не се бара строго определена форма, односно претставката може да биде во ракопис. Народниот правобранител во постапувањето по претставката секогаш ја почитува приватноста и тајноста на податоците на подносителот на претставката и за таквата преземена активност подносителот не може и не смее да трпи штетни последици од органот кој му го повредил правото.

Народниот правобранител може да покрене постапка и по сопствена иницијатива, но за продолжување на постапката потребна е согласност од граѓанинот кому му е повредено уставното или законското право.

За да може Народниот правобранител да поведе постапка пред надлежните органи и организации потребно е претставката да биде потпишана и да содржи лични податоци на подносителот (име и презиме, адреса, телефон и др.), да ги содржи околностите, фактите и доказите врз кои претставката се темели  (решение, одлука, жалба, заклучок, уверение, потврда, мислење и слично), во претставката треба да бидат наведени и органот, односно организацијата или службеното лице на кое се однесува претставката и актот (решение, заклучок, уверение и сл.) со кој е повредено неговото право и да биде образложено дали и какви правни средства вложил подносителот. Претставката треба да е разбирлива и јасна.

Народниот правобранител интервенира кога се повредени поединечни права на граѓаните со акти или дејства на органите на државната управа и другите органи и организации што имаат јавни овластувања; по барања на граѓани се донесени управни акти (решенија, заклучоци, уверенија, потврди, мислења и сл.) со кои погрешно е утврдена фактичката состојба, погрешно е применет материјалниот закон, повредена е управната или друга постапка; се дејствувало самоволно, бирократски, недолично и нехумано спрема граѓаните; не се постапувало по барањата или се донело позитивно решение по барањето без законска основа; се одолжува постапката по барањето; не се вклучува заинтересирана странка во постапката; странката се упатува од еден на друг шалтер или од еден на друг орган за работи и прибирање докази што органот може и службено да ги прибави; не се спроведуваат извршните и конечните управни акти, и не се постапува по упатствата на второстепените управни и судските органи.

Кога Народниот правобранител ќе констатира дека се повредени уставните и законските права на подносителот на претставката или пак се направени други неправилности може: да даде препораки, предлози, мислења и укажувања за начинот на отстранување на констатираните повреди; да предложи повторно да се спроведе определена постапка согласно со законот; да покрене иницијатива за поведување дисциплинска постапка против службено, односно одговорно лице и да поднесе барање до надлежниот јавен обвинител за покренување постапка заради утврдување казнена одговорност.