Ако патувате во странство, потребно е да поседувате и меѓународна возачка дозвола. Истата се издава на ваше барање, секако доколку сте возач кому претходно му е издадена возачка дозвола на Република Северна Македонија за управување со моторно возило.

Меѓународната возачка дозвола издадена во Република Северна Македонија, не може да се користи за управување со моторни возила на територијата на Република Северна Македонија. Оваа возачка дозвола не може да му се издаде на возач на кого му е изречена прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило, за категоријата на која се однесува изречената санкција, за периодот додека трае забраната.

Меѓународните возачки дозволи се издаваат на образец чија форма, содржина, боја, вид и квалитет на материјалот е согласно со Меѓународната конвенција за патен сообраќај, истите се еднобразни за територијата на Република Северна Македонија, а се со рок на важност од три години од денот на нејзиното издавање, односно со рок на важност до денот на важење на возачката дозвола, доколку истекот на нејзината важност е помалку од три години.

Меѓународните возачки дозволи ги издава Министерството за внатрешни работи или правно лице за вршење на технички преглед на возила овластено од Министерството за внатрешни работи (пр. АМСМ или Здружение на возачите на Град Скопје).

За издавање на меѓународна возачка дозвола потребни ви се:

  1. Барање за издавање на меѓународна возачка дозвола;
  2. важечка лична карта или пасош како документ за идентификација;
  3. важечка национална возачка дозвола;
  4. две фотографии 45x35mm;
  5. потврда издадена од Министерството за внатрешни работи и СВР (Оддел за управни работи) дека против возачот не е изречена прекршочна санкција, односно забрана за управување на моторно возило (потврдата се издава веднаш по поднесеното барање)
  6. доказ за извршена уплата.

Согласно потпишани договори, на носители на македонска возачка дозвола кои престојуваат на територијата на овие држави не им е потребна меѓународна возачка дозвола. Ако сте носители на македонска возачка дозвола кои имаат регулирано постојан престој на територијата на овие држави, на ваше барање може да ви се изврши замена на возачката дозвола.