Со Законот за личната карта („Службен весник на Република Македонија“ бр. 08/95, 38/02, 16/04, 12/05, 19/07, 10/10, 51/11, 13/12, 166/12, 154/15 и 55/16), е пропишано дека секој граѓанин со наполнети 18 години живот е должен да има лична карта. Личната карта може да се издаде и на граѓанин со наполнети 15 години живот (малолетни лица), на негово лично барање, по претходна согласност од родителите, законскиот застапник или старателот.

Личната карта е јавна исправа со која се докажува идентитетот, државјанството на Република Северна Македонија, живеалиштето и адресата на граѓанинот. Со неа може и да патувате, односно истата може да ја употребите и за преминување на државната граница, во случаи и под услови утврдени со меѓународен договор ратификуван согласно со Уставот на Република Северна Македонија.

Како граѓанин,  должни сте личната карта да ја носите со себе и да ја покажете на барање на службеното лице, кое со закон е овластено да легитимира. Личната карта ја издава Министерството за внатрешни работи и истата е со рок на важење од десет години, а за граѓани помлади од 27 години живот, со рок на важење од пет години.

Образецот на личната карта содржи: натпис “Република Северна Македонија”, назив “лична карта”, натпис “MKD”, место за фотографија, грб на Република Северна Македонија и машински читлив дел. Во образецот на личната карта се запишуваат следниве податоци:

  • презиме и име на граѓанинот;
  • државјанство;
  • пол;
  • датум на раѓање;
  • матичен број на граѓанинот;
  • датум на издавање на личната карта;
  • датум на важење на личната карта;
  • место на раѓање на граѓанинот;
  • живеалиште и адреса на граѓанинот;
  • надлежен орган кој ја издал личната карта;
  • број на личната карта и
  • потпис на имателот на личната карта.

Образецот на личната карта се печати на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на англиски јазик и неговото писмо. На граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, образецот на личната карта се печати и податоците во него се запишуваат и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот. На граѓаните кои зборуваат јазик различен од службениот јазик, на нивно лично барање, податоците за личното име што се внесуваат во личната карта се запишуваат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото што го употребува граѓанинот.

Барањето за издавање на лична карта (МК или АЛ) го поднесувате лично, а при тоа задолжително ви се земаат податоци за вашите биометриски карактеристики (отпечатоците од два прста и фотографија), заради утврдување на идентитетот. Барањето се поднесува во Министерството за внатрешни работи според подрачјето на кое имате живеалиште, откако претходно ќе закажете термин електронски, на http://termin.mvr.gov.mk/ или телефонски (на 072-92-92-92 или 0800 192 92, кој е достапен само од фиксен телефон).

Издавање на (нова) лична карта, треба да побарате и доколку на личната карта која ја имате:

  • и истекува важноста (при тоа барањето за замена на личната карта се поднесува најдоцна во рок од 30 дена пред истекот на рокот на важењето на личната карта);
  • личната карта ја изгубите или Ви е украдена (секоја изгубена или украдена лична карта задолжително се огласува за неважечка во „Службен весник на Република Северна Македонија“, кое може да го направите во МВР, со поднесување на барањето);
  • склучите брак и
  • ја промените на адресата на живеење (при промена на адресата на станот на живеалиштето, должни сте во рок од 30 дена да поднесете барање за замена на личната карта со нова).

Освен барањето и уплатница/уплатата, кои се заеднички, останатите потребни документи зависат од поединечните случаи и може да бидат: изјави, извод од матична книга на родени, имотен лист и слично. Истите може да ги најдете на интернет страницата на Министерството за внатрешни работи и на линкот. Во сите Оддели/Отсеци за управни работи на МВР низ државата, овозможено е плаќање преку ПОС терминали, односно со банкарски картички, а може да се направи и уплата со уплатница.

Министерството за внатрешни работи овозможува и преглед на закажани термини/проверка на резервација, како и проверка дали е готова, односно дали е изработена и може да се подигне личната карта. Личната карта се подигнува лично, а притоа сте должни да ја предадете старата лична карта, заради поништување.

Доколку како граѓанин, изгубите лична карта најмалку два пати, односно доколку на друг начин останете без лична карта, заменетата лична карта ќе ви биде издадена со рок на важење од една година.

Рокот за издавање на лична карта на граѓанинот од страна на Министерството за внатрешни работи е 15 дена од денот на приемот на барањето. Доколку Министерството за внатрешни работи не ја издаде личната карта, односно не донесе решение за одбивање на барањето за издавање лична карта во овој рок, подносителот на барањето има право на жалба во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето, односно 15 дена од денот на приемот на решението за одбивање на барањето до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос од втор степен.