Согласно Законот за социјална заштита („Службен весник на Република Северна Македонија бр.146/19, 275/19, 302/20, 311/20 и 163/21), лице со попреченост е лице кое има долготрајни телесни, интелектуални, ментални или сетилни нарушувања кои во интеракција со различни пречки може да го спречат неговото целосно и ефикасно учество во општеството на еднаква основа со другите.

Меѓу правата на парична помош од социјална заштита е и правото на надоместок заради попреченост. Надоместок заради попреченост се обезбедува за поттикнување социјална вклучување и еднакви можности на лице кое е:

  • со тешка или длабока интелектуална попреченост,
  • со најтешка телесна попреченост,
  • потполно слепо лице и
  • потполно глуво лице.

Надоместок заради попреченост може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65 годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот. Правото на надоместок заради попреченост, не може да се оствари ако лицето користи цивилна или воена инвалиднина согласно со закон.

Право на надоместок заради попреченост, не може да се користи ако со решение на центарот за социјална работа подолго од 30 дена е сместено во установа за вон-семејна социјална заштита, згрижувачко семејство, организирано живеење со поддршка или во здравствена или друга установа за периодот додека трае сместувањето.

Правото на надоместок заради попреченост се остварува врз основа на конзилијарно мислење од првостепена комисија составена од тројца лекари специјалисти од соодветна терцијарна здравствена установа. Во постапката по жалба против наодот и мислењето на првостепената комисија за остварување на надоместок за попреченост, наод и мислење дава второстепена комисија од тројца лекари специјалисти од соодветна терцијарна здравствена установа, кои не го донеле конзилијарното мислење во прв степен.

Корисникот на нaдоместокот заради попреченост може по сопствен избор да користи услуга од овластен давател на услуга во домот и во заедницата.

На линкот може да ги најдете контактите на институциите од областа на социјалната заштита.