Доколку сакате да го запишете вашето дете во градинка, потребно е да поднесете барање за упис во една од јавните детски градинки. Јавна детска градинка се основа од страна на советот на општината, советот на општината во градот Скопје и Владата на Република Северна Македонија под услови утврдени со Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/13, 12/14; 44/14; 144/14; 10/15; 25/15; 150/15; 192/15; 27/2016; 163/17; 21/18; 198/18; и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/19; 146/19; 275/19; 311/20).

Детската градинка запишува и прима деца врз основа на пријави преку целата година. Ако во јавната детска градинка има пријавено поголем број на деца отколку што има слободни места, за приемот решава комисија за прием на деца, чиј состав го утврдува управниот одбор.

Запишувањето започнува со Барање/Пријава/Апликација до градинката во која сакате да го запишете вашето дете (на пр. во градинките во општина Центар Раде Јовчевски Корчагин, 13 Ноември, или градинка Буба Мара во општина Аеродром). Пријавата содржи информации за детето и родителот/старателот, а со неа се доставува и потврда од матичен лекар, односно податоци за здравствената состојба на детето со вакцинален статус. Според Законот за заштита на децата, родителите се должни при приемот на детето во градинката да приложат потврда од матичниот лекар за здравствената состојба на детето. При тоа, родителот/старателот на дете со пречки во менталниот развој или телесна попреченост е должен да приложи мислење од соодветна стручна институција.

Во зависност од градинката, пријавата некаде е овозможено да биде поднесена електронски (со пополнување на форма или преку е-маил), а во некои општини мора да биде поднесена лично, во самата градинка. Затоа, најдобро е пред уписот, да се јавите на контакт телефонските броеви од градинката во која сакате да го запишете детето, за да добиете конкретни информации како точно треба да постапите.

Поднесените апликации се разгледуваат од страна на Комисија за прием на децата формирана во рамките на градинката. За секоја апликација Комисијата врши известување до родителите кои ја поднеле истата, за прием на детето. Доколку на апликацијата за прием комисијата дава позитивен одговор, родителот е потребно да се обрати во матичниот објект на градинката.

Правата и обврските на градинката и корисниците на услугите се уредуваат со договор, со кој особено се регулираат меѓусебните односи на давателот и корисникот на услугата, квалитетот на услугата, начинот на плаќањето, изборот на програмата, должината на престојот на детето во установата и други прашања во поглед на заштита на детето и дејноста на градинката.

За престој на деца во Центар за ран детски развој, и деца Роми кои се вклучени во Проект „Инклузија на деца Роми во јавни детски установи-детска градинка“, родител/старател потпишува посебен договор за прием, бидејќи престојот на детето е бесплатен.

За секое дете во градинката се води Развојно портфолио, односно Досие за детето.