Според Законот за матична евиденција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 08/95, 38/02;  66/07;  98/08;  67/09;  13/13;  43/14;  148/15;  27/16;  82/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.  14/2020), раѓањето на дете се пријавува писмено или усно на записник на матичарот од матичното подрачје на кое се родило детето, во рок од 30 дена од денот на раѓањето.

Согласно законот здравствената установа во која е родено детето е должна да го пријави раѓањето. Доколку детето е родено надвор од здравствена установа, пријавувањето го врши таткото на детето, односно лицата во чиј стан детето е родено, мајката штом ќе биде способна за тоа или здравствениот работник кој учествувал при породувањето. Ако ги нема наведените лица или не се во можност да пријават, раѓањето на детето може да го пријави лицето кое дознало за тоа. Раѓањето на дете во сообраќајно средство се пријавува на матичарот во матичното подрачје во кое завршило патувањето на мајката. Ако детето е родено мртво се пријавува во рок од 24 часа од раѓањето. Дете чии родители се непознати се запишува во матичната книга на родените во местото каде што е најдено. Запишувањето се врши врз основа на решение од надлежниот орган за старателство, кое содржи: лично име и пол на детето; час, ден, месец, година и место на раѓањето на детето според местото каде што детето е најдено.

Пријавување на личното име на дете за запишување во матичната книга на родените, се врши во рок од два месеци од денот на раѓањето на детето.

За упис на новороденче потребни документи се:

  • Копија од лична карта (пасош) од родителите и оригинал за проверка,
  • Извод од матична книга на венчани од родителите (датумот на издавање да не постар од 2007 година) за дете родено во брачна заедница, односно Извод од матична книга на родени од родителите и задолжително присуство на двајцата родители, за дете родено во вон брачна заедница,
  • Барање за издавање на извод од матична книга на родени за новороденче,
  • 100 ден. административна такса (Уплатница)
  • Уплата од 50 ден. на жиро-сметката на Управата за водење на матичните книги (Уплатница).

Доколку не сте задоволни од услугата или не сте добиле одговор во предвидениот рок може да поднесете жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од 15 денови.