Едно од правата за заштита на децата според Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/13, 12/14; 44/14; 144/14; 10/15; 25/15; 150/15; 192/15; 27/2016; 163/17; 21/18; 198/18; и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/19; 146/19; 275/19, 311/20) е правото на еднократна парична помош.

Право на еднократна парична помош за новороденче родено на територијата на Република Северна Македонија има еден од родителите, државјанин на Република Северна Македонија, со постојано место на живеење од најмалку 12 месеци непрекинато на територија на Република Северна Македонија до денот на раѓањето на детето. Барањето за остварување на ова право треба да го поднесете најдоцна три месеци од денот на раѓањето на детето. Висината на еднократната парична помош за прво новороденче изнесува 5.000 денари. Висината на еднократната парична помош за второ новороденче изнесува 20.000 денари.

Доколку сакате да го остварите правото за еднократна парична помош за новороденче, треба да поднесете Барање за остварување на правото на еднократна парична помош, кое се поднесува до Центарот за социјална работа надлежен за подрачјето на кое мајката има живеалиште или престојувалиште. Дополнителна документација која се доставува во прилог е:

  • Важечка лична карта од мајката – се доставува на увид за докажување на идентитетот, државјанството и постојаното место на живеење на мајката. Доколку подносител на барањето е таткото/старателот се доставува важечка лична карта од мајката на детето на увид за докажување на постојаното место на живеење на мајката, а препис на извод од матична книга на умрените доколку мајката е почината и важечка лична карта на таткото/старателот на увид за докажување на идентитетот и државјанството.
  • Важечка лична карта од таткото – се доставува само на увид за докажување на идентитетот, државјанството и постојаното место на живеење (во случај кога мајката не е државјанин на Република Северна Македонија, а склучила брак со државјанин на Република Северна Македонија).
  • Мајчина книшка на увид за мајката со копија на страници 3, 5 и 7 или потврда од избран лекар- специјалист по гинекологија и акушерство за редот на раѓање на детето, а за посвоено дете потврда дека мајката нема прво новородено дете.
  • Препис на извод од матична книга на родени за детето
  • За посвоено дете се доставува и доказ за ред на посвојување на детето

По барање за остварување на правото за еднократна парична помош за новороденче решава центарот надлежен за подрачјето на кое мајката има живеалиште односно престојувалиште во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето. По жалба против решението на центарот за социјална работа решава Министерството за труд и социјална политика. Жалбата се поднесува преку надлежниот центар за социјална работа и таа не го одложува извршувањето на решението.